en-USfr-FRmk-MK
Language
Македонскиот фронт Македонскиот фронт

Македонскиот фронт

Секојдневието на Македонскиот фронт Секојдневието на Македонскиот фронт

Секојдневието на Македонскиот фронт

Посетете го Македонскиот фронт Посетете го Македонскиот фронт

Посетете го Македонскиот фронт

Кратка Историја - Прва светска војна Кратка Историја - Прва светска војна

Кратка Историја - Прва светска војна

 

Формирање на Македонскиот фронт

 

Кон крајот на 1915 година, карактерот и улогата на идните операции во јужниот дел на Балканскиот полуостров не биле сè уште јасни и за двата завојувани блока. Кај Централните сили, поточно Германија, по копненото поврзување со Османлиската империја Балканот не бил толку важен, бидејќи во нејзиниот фокус биле Источниот и, пред се, Западниот фронт. Исто така, Германија се обидувала да ја придобие Грција на своја страна, при што во предвид се земала нејзината неутралност. За Австро-Унгарија и Бугарија, пак, напротив Балканот бил многу важен и нејзините генерали се залагале за целосно освојување на полуостровот и истиснување на (сè уште) малата експедициона сила пратена од Антантата. Од друга страна, ваква дихотомија постоела и кај водечките сили во Антантата. Британија сметала дека без вклучувањето на Грција на страна на Антантата Србија би била изгубена, додека Франција сметала дека е потребно значително воено присуство во јужниот дел од Балканот, особено по неуспехот кај Дарданелите, со цел Романија и Грција да не се приклучат кон Централните сили.

Како и да е, во исто време кај Солун почнала да се гради сојузничка воена база, а британски и француски војски, под водство на генерал Морис Сарај, веќе од претходно биле присутни во регионот. Во декември 1915 година, францускиот ГШ го испратил генералот Ноел де Кастелно во мисија на Балканот, со цел да го испита теренот и состојбата во сојузничките единици, односно можноста за развивање на фронт во Македонија. Шест месеци подоцна, генералот Сарај бил назначен за главен командант на сојузничките војски на Ориентот, односно, во случајов, на војските стационирани во Македонија. Оваа сојузничка војска контролирала територија од околу 30 000 квадратни километри. Населението во овој дел од Македонија генерално не било негативно настроено кон сојузничките војски, но земајќи ги во предвид разурнувањата од претходните воени конфликти во регионот, тие чувале извесна резерва кон нив. Од друга страна сојузниците имале големи сомневања во локалното население кое било оценувано како симпатизери на Османлиската империја и Бугарија. Центарот на оваа зона бил Солун, голем космополитски град со долга историја и мешавина од култури и етноси (Евреи, Турци, Грци, Македонци, Бугари, Власи, Роми и други), кој од неодамна (1912) бил вклучен во грчката држава. По извршените дополнителни анализи и планови, сојузничките војски се распоредиле на север од Солун, зафаќајќи една линија во должина од околу 120 км. Во текот на првата половина на 1916 година, одбранбената линија се повеќе се развивала со разни градби и инфраструктура, на кои работеле илјадници сојузнички војници и локални цивили. Биле копани ровови, бунари и канали, биле сушени мочуришта, биле градени и поправани патишта. Истовремено, илјадници француски војници биле пренесувани на бродови, од Марсеј и Тулон (во јужна Франција), или пак од Отранто (во јужна Италија), до солунското пристаниште. Центарот на оваа воена сила бил кампот Зејтинлик, кој се наоѓал 5 км северо-источно од Солун, во близина на реката Вардар.

Повеќе

 

Борбите кон крајот на летото и есента 1916 година

 

По поразот на Србија и повлекувањето на француските и англиските војски кон Солун повторно дошло до затишје на фронтот на Балканот. Првата половина од 1916 година поминала во исчекување од дипломатските преговори со Грција и Романија, кои се уште биле неутрални држави. Во случајот со Грција состојбата била посложена со оглед на присуството на сојузничките сили во северна Грција и поделбите во општеството во поглед на тоа на која страна треба да се приклучи Грција. Од друга страна вклучувањето на Романија на страната на Антантата било мошне важно за воените операции на Балканот. Наклонета кон Франција и Велика Британија, Романија прифатила да се приклучи на сојузницити под услови на територијални компензации и поголемо воено учество на сојузниците на Балканот.

Договорот предвидувал Армијата на Ориентот на 20 август да започне операции против бугарските војски во Македонија со што тие не би можеле да ги насочат сите свои сили кон Романија. Оваа пак, најдоцна до 28 август требала да објави војна на Австро-Унгарија и да ја нападне Унгарија. Меѓутоа, на изненадување на сојузницитие, бугарските војски уште на 17 август напаѓаат по долината на реката Струма и во правец на Воден. Бугарските војски дури успеваат да влезат во Лерин, но набрзо нивното напредување е сопрено. Сето тоа го принудува генералот Сарај да прави промени во своите воени планови. Состојбата на теренот не била во полза на сојузничките војски, кои се чинело дека имале надмоќност во број на војници и воен материјал. Голем дел од воените единици не биле подготвени за воени дејствија. Разните епидемии сериозно ја нарушувале борбената готовност на сојузниците. Само во период од два месеци (јули и август) во 1916 година околу 11 500 француски војници биле евакуирани поради разни болести. Исто така, од гледна точка на организација и командување генералот Сарај располагал со многу по сложена воена структура и организација. Тој бил на чело на армија составена од 5 различни војски (српска, британска, француска, италијанска и руска). Од друга страна на север од нив се наоѓала многу покомпактна воена структура составан главно од бугарски војски и еден мал број на германски воени единици. Сепак, сојузничките војски решаваат да го сопрат бугарското напредување и веќе во септември започнуваат противофанзива со цел да ги вратат изгубените позиции. Нападот започнал на 12 септември под команда на францускиот генерал Кордиони. Во него учествувале француски, српски и руски војски. За неколку дена сојузниците успеале да ги освојат Лерин и врвот Кајмакчалан (2521 м.). Наредниот месец, сојузничките сили успеваат да се пробијат до Црна река и да го завземат важниот масиф Добро Поле. Освоените територии ќе им овозможат на сојузниците да имаат подобра контрола на дел од теренот и фронтот и полесно да ја освојат Битола. Во меѓувреме, до крајот на годината Романија е војнички поразена, најголемиот дел од нејзината територија е окупиран од Централните сили, кои профитираат од значителното производство на жито и нафтени полиња.

Повеќе

 

Операции во 1917 година во околината на Битола

 

По заземањето на Битола на 19 ноември 1916 година линијата на фронтот во околината на градот се движела од Преспанското езеро преку Црвени стени на Баба планина, Кота 1248, селата Крклино и Карамани. Близината на бугарските и германските позиции го изложиле градот на секојдневен артилериски оган кој предизвикал огромни уништувања и човечки жртви во текот на војната. Неколку пати командантите на воените единици барале да се повлечат од градот, што било одбивано од главниот штаб на сојузничките војски. За да се спречат овие напади, неколку пати француските војски се обиделе да ги потиснат бугарските и германските војски на север.

Со тоа сојузниците би го зголемиле периметарот, односно растојаните помеѓу градот и германско-бугарските линии и нивните артилериски позиции. За таа цел биле водени неколку битки во околината на Битола. Борбите се воделе за местата, кои во историјата се познати како Црвени стени, Кота 1248. Тоа се места, висински точки, кои доминираат над градот и околината. Првиот од овие напади бил организиран во март, како дел од пролетната офанзива долж целата линија на фронтот. Нападот започнал на 11 март. Борбите се воделе на запад од градот на планината Баба и на север од Битола. Обидите во текот на девет последователни дена да се заземе Кота 1248 и Црвени стени биле неуспешни. Првичниот успех да се освојат Црвени стени бил краткотраен, а Кота 1248 останала ничија земја, се до сојузничката офанзива во септември 1918 година. Загубите биле големи, но линијата на фронтот останала не променета. Сепак, сојузниците успеале да се утврдат подобро во Битола и околината, како и долж линијата на фронтот на запад од Битола и особено во околината на Корча. Во следните месеци од 1917 година борбите повеќе се воделе на запад и исток од Битола, во околината на Охридското езеро и во Мариово, на завојот на Црна река. Денеска, на сите овие места сè уште се видливи остатоци од рововите и бункерите користени од двете завојувани страни. Некои од нив се лесно достапни и добро уредени за туристички посети, како оние на Пелистер. Остатоци од рововите и бункери ископани длабоко во карпите се видливи и во близина на Кота 1050 на северо-исток од Рударско-енергетскиот комбинат Битола, каде се уште можат да се најдат остатоци од куршуми, гелери од гранати и друг воен материјал, кои сведочат за жестокоста на борбите кои се воделе во овој сектор од фронтот. Најголемите разурнувања и човечки жртви биле нанесени на Битола. Почнувајќи од летото 1916 година се до крајот на војната градот бил гранатиран речиси секој ден. Во почетокот од француската артилерија, а од 19 ноември од германската и бугарската артилерија. Во овие напади бил користен и воен отровен гас. Голем дел од градот Битола бил разурнат или опожарен како последица на запаливите гранати, а во градот во текот на војната биле убиени 4 224 негови жители од кои повеќето жени и деца.

Повеќе

 

Пробој на фронтот во септември 1918 година: Битола, Мариово, Дојран, Градско, Скопје

 

Во текот на летото 1918 година, сојузниците размислуваат за судбината на Македонскиот фронт. Генералот Франше д’Еспере сметал дека клучниот чекор е да се искористи германската презафатеност на Западниот фронт, како и падот на моралот во бугарската војска, и да се започне со сеопфатна и заедничка офанзива на сите сојузнички сили на фронтот во Македонија. Конечната цел била да се пробие фронтот, да се раздвојат германските и бугарските војски, и да се натера Бугарија на капитулација.

По извесен период на тајно планирање, на 31 август главниот командант на сојузничките сили на Македонскиот фронт го изложил оперативниот план пред своите подредени офицери. Веќе од наредниот ден започнале масовни подготовки за офанзива. Во највисоките делови на Кајмакчалан била поставена тешка артилерија, секојдневно биле транспортирани стотици тони воена опрема до стартните позиции, полските болници биле пренесени поблиску до фронтот, биле изградени нови патишта, воените мапи биле дополнети со најнови податоци, биле испраќани извиднички патроли. Сите овие активности биле вршени ноќе за да се зачува моментот на изненадување на противникот. Но, и покрај тоа, преку својата разузнавачка мрежа и авионските извидувања, германските и бугарските војски знаеле дека се подготвува голема офанзива. Во септември 1918 година, 75 француски и српски батаљони (со 580 топови) биле поставени наспроти 26 германски и бугарски батаљони (со 140 топови). На 14 септември била извршена артилериска подготовка на теренот, по што биле пратени авиони за извидување на ефектот и корегирање на артилеријата. Утредента, во 5 часот наутро започнал главниот напад на сојузничките војски, и тоа во секторот на Меглен, додека секундарни напади биле извршени низ должината на фронтот. Втората армија на војводата Степановиќ напаѓала со 5 дивизии кон врвот Козјак. Две француски дивизии (17-та колонијална и 122-та), со поддршка од Шумадиската дивизија напаѓале кон секторот на Сокол, Добро Поле и Ветреник. До вечерта сојузниците успеале да заземат поголем број од овие локации. До четвртиот ден од офанзивата бил освоен и стратегиски важниот Козјак, по што трите дивизии на генерал Бојовиќ и 17-та колонијална дивизија продолжиле кон Градско. Германско-бугарската одбранбена линија почнала да се распаѓа. Во тој момент, генералот д’Еспере наредил да се засилат нападите на крилните позиции на фронтот. На исток, британските единици напаѓале во секторот на Дојран, додека на запад француските единици го зазеле важниот масив Добро Поле. На 21 септември, пробивот на фронтот веќе достигнал длабочина од 50 км. Француските и српските единици, навлезени длабоко зад противничките линии, успевале со маневарски движења да ги спречат обидите за повлекување и регрупирање на потиснатите германски и бугарски единици. На 24 септември, освоена е една од стратешките цели – Градско. Сојузниците успеале да запленат илјадници тони воена опрема и намирници, што им овозможило да продолжат со брзата акција без да чекаат снабдување од југ. Не успевајќи да се реорганизира навреме, остатоците од германската и бугарската војска почнала да се повлекува кон Скопје.

Повеќе

 

Борбите по пробивот на фронтот – завземањето на Скопје

 

Пробивот на фронтот кај Добро поле ги изненадил и самите сојузници. Недела дена по почетокот на офанзивата, сојузничките сили успеале да продрат 50 километри во длабочина на фронтот, а веќе на 23 септември успеале да се пробијат до реката Вардар кај Криволак и Градско. Германските и бугарските војски биле во целосно повлекување, што дало повод на сојузниците засилено да продолжат со нивното гонење на север и да ги пресечат патиштата на нивно понатамошно повлекување на север и можност да се консолидира. Со цел да се исполнат овие замисли, главниот командант на сојузничките сили Франше д’Еспере предвидувал засилена употреба на коњаничките единици за што побрзо освојување на Прилеп и Скопје, единствениот пат за повлекување на германските војски на север. Операциите на коњаничките сили започнале на 20 септември.

Составени од три полка на африканска коњаница тие биле под команда на полковникот Жуино-Гамбета. Нивниот засилен марш на север започнал од околината на Лерин, каде биле првично лоцирани. За два дена успеале да го освојат Прилеп. Потоа, не можејќи да ја чекаат српската војска да го заземе Велес (настан кој се случил дури на 27 септември), чекање кое би можело да го компромитира нивниот план, коњаниците решиле да го заобиколуваат Велес преку планината Голешница. Овој маневар требало да го отвори нивниот пат до скопската котлина. Овој потфат бил изведен ноќта на 26 и 27 септември, а веќе на 28 септември тие влегле во селото Драчево. Нападот на Скопје започнал следниот ден, а се одвивал од три страни – југ, исток и запад. До крајот на денот африканската коњаница успеала да го заземе градот. Германските и бугарските војски се обиделе да го вратат градот во свои раце, дури започнале и артилериско гранатирање на градот. Сепак, пристигнувањето на француските трупи од Велес ја оневозможило оваа замисла на германските војски. Важноста на операцијата е огромна. Коњаницата успеала да заплени големо количество на воен материјал, но уште поважно било пресекувањето на патот на повлекување на германската армија. Немајќи излез, германските војски се предаваат. Вкупно 70 000 германски војници со целокупниот воен материјал се заробени. Претходно, охрабрени од пробивот на Добро поле, англиските и грчките војски презеле засилени операции против бугарските војски во околината на Дојран и источно од Дојранското езеро. Наоѓајќи се во безизлезна ситуација, бугарските војски се принудени на повлекување на сите делови од фронтот, а на 29 септември претставници на бугарската влада и војска потпишале примирје во Солун. По освојувањето на Скопје и поразот на Бугарија, српските и француските војски продолжиле да напредуваат на север во Србија. До 12 октомври сојузниците влегле во Ниш, а на 1 ноември српските војски влегуваат во Белград.

Повеќе

 

 

 

За другите фотографии

Пишаната и визуелната содржина на платформата (современа и историска) достапна за јавноста служи за информативни, научни и образовни цели. Сета објавена содржина е во сопственост на самите автори.

За фотографиите Манаки

Фотографиите се во сопственост на Државен архив на Република Македонија, одделение Битола. Обработени од страна на Македонски центар за фотографија.

Авторските фотографии се во сопственост на Евопската асоцијација за локална демократија – АЛДА. Фотограф: Зоран Шеќеров

 

 

На оваа интернет страница, поради јазично олеснување, „Поранешната Југословенска Република Македонија“ се нарекува само „Република Македонија“ или „Македонија“. Тоа не означува никаков политички став на Република Франција и на регионот Нормандија кон Македонија. Од нејзиното осамостојување во 1991 година, во македонскиот устав е запишано името „Република Македонија“. Сепак, поради признавањето од страна на меѓународните организации и нејзините земји членки, државата се согласи да го користи името „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а токму под тоа име, Франција ја призна Македонија како држава.

Terms Of UsePrivacy StatementCopyright 2019 by SoftAGE
Back To Top