en-USfr-FRmk-MK
Language
Посетете го Македонскиот фронт Посетете го Македонскиот фронт

Посетете го Македонскиот фронт

Кратка Историја - Прва светска војна Кратка Историја - Прва светска војна

Кратка Историја - Прва светска војна

Македонскиот фронт Македонскиот фронт

Македонскиот фронт

Секојдневието на Македонскиот фронт Секојдневието на Македонскиот фронт

Секојдневието на Македонскиот фронт

 

Мапирање на местата на битки

Во периодот од крајот на 1915 година до потпишувањето на примирјето со Бугарија на 29 септември 1918 година во Солун биле водени голем број на битки долж линијата на Македонскиот фронт. На тие места и денеска се видливи остатоци од борбите.
Ровови, бункери, остатоци од муниција и друг воен материјал користен од двете завојувани страни и денеска се наоѓаат по нивите и селските дворови. Овие места на битки се познати и кај локалното население, кај кои се чува сеќавање за борбите. Секако, најпознати се Кајмакчалан и Добро Поле, но вредни за спомнување се Дојран, Црвени Стени, Црна река, Преспа, Тиквеш, селото Снегово, Пелистерските езера, Сокол и други. На некои од овие места денеска постојат спомен плочи кои потстетуваат на настаните и борбите од војната 1914-1918 година. На некои места старите плочи уште пред многу децении биле отстранети или украдени, а единствен спомен се остатоците од рововите и бункерите.

- Врвот Кајмакчалан (2521 м.) е едно од најпознатите места за историјата на Првата светска војна. На самиот врв од август до октомври 1916 година се воделе едни од најжестоките битки на Македонскиот фронт. Борбите за ова место биле мошне важни поради неговата стратешка важност – контрола над Пелагонија и Мариово. Во борбите загинале голем број на војници. Денеска, за борбите сведочат параклисот Св. Петар и костурницата на српските војници.

- Добро Поле (1875 м.), лоцирано источно од Кајмкчалан е местото каде српските војски успеале да ги пробијат бугарските линии. Овој пробив довел до целосно нарушување на линијата на фронтот и капитулација на Бугарија на 29 септември 1918 година. Борбите на Добро поле започнале уште со самото формирање на Македонскиот фронт во 1916 година. Сепак, се до пробивот на фронтот на 18 септември немало значителни промени во линијата на фронтот. Денеска, на Добро поле може да се пријде единствено со теренско возило или неколкучасовно пешачење, а малкуте остатоци од рововите и трагата на карпата каде се наоѓала меморијалната плоча сведочат за борбите на Добро поле во Првата светска војна.

- Тиквеш – ретко кој во Македонија е запознаен со борбите во Тиквеш во Првата светска војна. Во есента 1915 година во обидите да им се помогне на српските војски во повлекување, француските и британските војски се обиделе да се пробијат долж долината на реката Вардар. При овој обид во Тиквеш тие се судриле со бугарските војски. Борбите траеле од октомври до почетокот на декември во реоните на Росоман, Градско, Криволак и Демир Капија. Во декември, по дефинитивниот пораз на српската војска, француските и британските војски се повлекле кон Солун.

- Црвени стени е планински предел на планината Баба каде од есента 1916 година, поточно од завземањето на Битола па се до самиот крај на војната се протегала линијата на фронтот. Во неколку наврати на Црвени стени се водени жестоки борби помеѓу француските и бугарските војски. Борбите биле дел од пошироките напори на двете страни во воените операции околу градот Битола. Денеска Црвени стени се предел кој влегува во територијата на Националниот парк Пелистер.

- Сокол е врв на планината Ниџе (1882 м.), лоциран помеѓу Кајмакчалан и Добро поле. Од 1916 година до пробивот на фронтот во септември 1918 година линијата на фронтот поминувала по самиот врв. До 1918 година Сокол не претставувало место на жестоки борби. Неговото значење доаѓа дури кон самиот крај на војната. Имено, во плановите на сојузниците пробивот на фронтот требал да се случи токму на пределот помеѓу Добро поле и Сокол. Токму тогаш се воделе најжестоките борби на ова место. Поразот на бугарските восјки на ова место, заедно со Добро поле довеле до пробивот на фронтот.

- Село Снегово е лоцирано на север од градот Битола, поточно на падинитие на Облаковска планина. Во периодот 1916-1918 година селото се наоѓало во самата близина на линијата на фронтот. Како и на Црвени стени и котата 1248 селото, така и Снегово било место каде се воделе жестоки борби во рамките на пошироките напори за обезбедување контрола над градот Битола. Денеска селото Снегово е целосно иселено. Единствено остатоците од рововите сведочат за жестоките борби од Првата светска војна.

- Црна река, особено свиокот на Црна река е едно од најзначајните места за историјата на Првата светска војна на територијата на Република Македонија. Борбите се воделе во неколку делови од течението на реката во Пелагонија, Мариово и Тиквеш. Освен по борбите, Црна река била значајна и поради тоа што таа е еден од изворите на вода за војниците на двете завојувани страни, како и место за рекреација и освежување во текот на летото. Најзначајните борби се одвивале во свиокот на Црна река во близина на селата Брод и Скочивир во 1916 година, како и во есента 1915 година во близината на селата Росоман, Манастирец и Трстеник.

- Кота 1050 претставува стратешка височина на исток од градот Битола која овозможувала контрола над голем дел од Пелагонија. Од крајот на 1916 година линијата на фронтот поминувала во близина на котата, која останала под контрола на бугарската војска. Од зимата 1916/17 година до крајот на војната неколку пати сојузничките војски неуспешно се обиделе да ја освојат. Денеска во околината на Кота 1050 се наоѓаат мошне добро сочувани остатоци од рововите и бункерите на двете завојувани страни.

- Дојран и околината се едно од многуте места каде се водени најжестоките борби во текот на Првата светска војна на Македонскиот фронт. Британските војски во неколку наврати неуспешно се обиделе да ги пробијат позициите на нивните противници. За жестокоста на борбите сведочат и воените гробишта во Поликастро (Република Грција) и Валандово (грчките воени гробишта), како и оштетувањата на црквата Св. Илија во Стар Дојран. Во околината на Дојран, на Кала тепе и денеска се видливи остатоците од рововите и бункерите на бугарските војски. Во борбите најмногу настрадал градот Дојран и неговото население, кое било принудено да се исели од своите домови. Во неколку наврати градот бил опожарен од дејството на британската артилерија.

- Мариово, поточно мариовските села е подрачје каде од летото 1916 до крајот на војната во 1918 година се воделе жестоки борби. Црна река, селата Маково, Рапеш, Старавина, Зовик, Градешница биле локации каде илјадници војници биле убиени. Речиси сите села во овој регион претрпеле разурнувања, а нивното население било принудено да се иселува. Остатоци од војната се сè уште видливи по Мариовските села. Имено, по војната населението во голема мера го употребувала во секојдневието оставениот воени материјал, како што се мрежите од жица, лимови и слично, кои војските ги користеле за утврдување на своите ровови и заштита од артилериските напади и нападите на пешадијата. Последиците од војната се чувствувале долго по нејзиниот крај, а човечки жртви и повредени од неексплодираните гранати и бомби имало и во периодот по Втората светска војна.

- Преспа и Охрид се помалку познати како места каде од 1916 до 1918 година се воделе борби. Линијата на фронтот поминувала покрај селата Сливница, Отешево, Пештани. Во споредба со другите делови од фронтот, борбите во овие краишта не биле толку жестоки. Во текот на речиси три години немало промени во позициите на двете завојувани страни, чии воени напори биле повеќе насочени во околината на Битола, Мариово и долината на Вардар. Сепак, денеска, за борбите од Првата светска војна сведочат некои топоними (Бугарска чука на Галичица) и по некое оружје кое нуркачите ќе го извадат од езерата или пак планинарите ќе го откријат на планината Галичица.

Воени гробишта

Денеска на териториите на Албанија, Бугарија, Грција, Македонија и Србија се наоѓаат голем број на воени гробишта и споменици кои сведочат за жестокоста на борбите и последиците од војната. Многу гробови остануваат непознати, а голем број на војници не биле погребани и/или останале незакопани. Некои пак од нив (српските војници- биле погребувани во водите на Јонското море во делот на островот Крф, по што таа е позната и како сина гробница. Голем број на војници, неможејќи да бидат идентификувани се погребани во заеднички гробници. Најголемите воени гробишта од Првата светска војна денеска се наоѓаат во Солун во местото наречено Зејтинлик, кое во време на војната било воена база. На овие гробишта се погребани војници на францускта, британската, српската, италијанската, грчката и руската армија. На територијата на Република Македонија најголемите воени гробишта се наоѓаат во Битола – француските воени гробишта каде се погребани повеќе од 6 000 француски војници. Токму Битола и околината претставуваат регион каде се лоцирани најголемиот број на воени гробишта на територијата на Република Македонија. Во самата околина на градот се наоѓаат и српските воени гробишта со преку 1 300 српски војници и германските воени гробишта со околу 3 400 германски војници. Недалеку од Битола во Мариово се наоѓаат помали воени гробишта на српските, бугарските и француските војски. Најзначајно е она во селото Груништа каде на две локации се погребани српски војници. На едната локација се наоѓа гроб и на еден бугарски офицер. Други значајни места каде денеска постојат воени гробишта се Прилеп (германски воени гробишта), Скопје (француски и британски воени гробишта), Ново Село (бугарски воени гробишта) и Валандово (грчки воени гробишта). На прилепските германски воени гробишта се погребани остатоците на 1 683 германски војници, австро-унгарски, бугарски и турски војници, но и романски, руски и српски војници, кои починале како заробеници, како и албански работници цивили. На воените гробишта во Скопје се погребани помал број на загинати војници кои учествувале во операциите по пробивот на фронтот. Покрај овие воени гробишта, кои се одржувани од страна на амбасадите на земјите чии војници се погребани, постојат и остатоци од воени гробишта кои во периодот по Првата и особено по Втората светска војна биле запоставени и уништени. Такви се српските во Скочивир, Добровени, Живојно, бугарските во Зовик и Цапари, како и германските воени гробишта во Градско.


Денеска, на воените гробишта во Македонија, секоја година на 11 септември се одржуваат комеморации во чест на примирјето од 11 ноември со кое завршила Првата светска војна. Делегации на германската, француската, српската, бугарската и другите амбасади чии земји во 1914-1918 година војувале оддаваат почит на загинатите војници и цивили.

 

 

 

За другите фотографии

Пишаната и визуелната содржина на платформата (современа и историска) достапна за јавноста служи за информативни, научни и образовни цели. Сета објавена содржина е во сопственост на самите автори.

За фотографиите Манаки

Фотографиите се во сопственост на Државен архив на Република Македонија, одделение Битола. Обработени од страна на Македонски центар за фотографија.

Авторските фотографии се во сопственост на Евопската асоцијација за локална демократија – АЛДА. Фотограф: Зоран Шеќеров

 

 

На оваа интернет страница, поради јазично олеснување, „Поранешната Југословенска Република Македонија“ се нарекува само „Република Македонија“ или „Македонија“. Тоа не означува никаков политички став на Република Франција и на регионот Нормандија кон Македонија. Од нејзиното осамостојување во 1991 година, во македонскиот устав е запишано името „Република Македонија“. Сепак, поради признавањето од страна на меѓународните организации и нејзините земји членки, државата се согласи да го користи името „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а токму под тоа име, Франција ја призна Македонија како држава.

Terms Of UsePrivacy StatementCopyright 2019 by SoftAGE
Back To Top