Село Зовиќ (Мариово) – Општина Новаци
Координати: 41.117335, 21.713520
Село Зовиќ е лоцирано во општина Новаци, на 50 км од Битола. Во близина на селото течи Градешка Река, на која што се наоѓа едно од најубавите зданија во мариовскиот крај - Зовичкиот Мост.
За време на Првата светска војна низ село Зовиќ минувала линијата на фронтот и денес во ова село се видливи голем број на сведоштва од овој период. Остатоци од рововите се видливи на влезот од селото на патот кој води до манастирот Чебрен, а исто така и во близина на манастирот Св. Атанасиј кој потекнува од 17 век. Во црквата Св. Никола која е сместена во центарот на селото видливи се неколку гробови од бугарски војници, а низ селото како и низ сите села во регионот Мариово може да се сретнат голем број на остатоци од Првата светска војна на кои локалното население и нашло примена во домаќинството.
Неодамна во селото е отворена етно куќа „Кај мостот“ во која има мал музеј кој содржи предмети од ПСВ и која на посетителите им нуди традиционална македонска храна и можност за ноќевање.
Етно Куќа „Кај Мостот“
- http://zovich.business.site
- https://www.facebook.com/etnozovikmariovo/
- mitko.cebren@hotmail.com
- 071 206 757
Во близина на селото на Градешка река се наоѓа надалеку познатиот Камен мост, кој иако не е локација од ПСВ е интересен за посетителите и воедно се наоѓа на патот кој води до други ровови и бункери во близина на ова село.
Како до локацијата:
До село Зовиќ води пат во должина од 52 км од кои 46км е асфалт, а 6 км земјен пат по кој локалното население вози и со лесни возила, но сепак е потребно прилагодување на брзинатата во зависност од условите. Не се препорачува возење со премногу ниски возила. Такси превоз од Битола до село Зовиќ чини од 1600-2000 денари во еден правец, а постои можност и за изнајмување на џип такси и во еден ден да се посетат и други интересни локации во близина на ова село.