en-USfr-FRmk-MK
Language
Кратка Историја - Прва светска војна Кратка Историја - Прва светска војна

Кратка Историја - Прва светска војна

Македонскиот фронт Македонскиот фронт

Македонскиот фронт

Секојдневието на Македонскиот фронт Секојдневието на Македонскиот фронт

Секојдневието на Македонскиот фронт

Посетете го Македонскиот фронт Посетете го Македонскиот фронт

Посетете го Македонскиот фронт

 

Причини за Првата светска војна

 

Дебатите за причините за Првата светска војна започнале уште со самиот почеток на војната, при што двете завојувани страни, Антантата и Централните сили, меѓусебно се обвинувале за почетокот на војната. Различни мислења за причините за почетокот на војната постојат и денес, а тие се разликуваат во зависност од историските школи, идеолошкиот пристап, но и државата од која доаѓа историчарот/историчарката и/или оној/онаа чиј интерес е истражување на историјата на Првата светска војна. Една помала група на историчари сметаат дека со чинот на убиството на Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија во Сараево на 28 јуни 1914 година, атентаторот Гаврило Принцип и организацијата Млада Босна на која тој и припаѓал, биле главни виновници за почетокот на војната. Оваа група на историчари, која Балканските војни (1912-1913) ги толкува како вовед на Првата светска војна, градат една слика за Балканот како извор на конфликти. Долго време ова убедување преовладувало во историографијата за Првата светска војна.

Меѓутоа, ова толкување во голема мера ги занемарува процесите и настаните кои се случувале во Европа и Светот во годините и децениите пред Балканските војни и убиството на Франц Фердинанд. Главно, денеска повеќето историчари тврдат дека економските фактори, империјализмот, порастот на национализмите, територијалните спорови, како и трката во вооружување и формирањето на сојузи и мрежи на сојузување се главните причини за почетокот на војната. Имено, до почетокот на војната биле оформени два воено-политички сојузи, Антантата (Велика Британија, Русија и Франција) и Тројниот сојуз или Централните сили (Австро-Унгарија, Германија и Италија). Сепак, Италија иако дел од Тројниот сојуз не се приклучила на Австро-Унгарија и Германија во војната. Таа, во 1915 година ќе се придружи на Антантата. Покрај овие, постојат и други толкувања, кои, сепак имаат помалку приврзаници помеѓу историчарите и оние чиј интерес е историјата на Првата светска војна. Меѓутоа, можеби една од главните причини за војната е тогашното разбирање, дека националните цели на државите можат да се остварат исклучиво преку војна. Тоа е случај и со оние кои во јавноста изјавувале дека сакале мирно решавање на јулската криза, која уследила по убиството на Франц Фердинанд. Тоа е случај, дури и со оние кои во Австро-унгарија во 1914 година биле против војната како средство за решавање на конфликтот со Србија. Ова разбирање е пред се резултат на нивото на развојот на општествата и државно спонзорираното образование, кои го поттикнувале ова разбирање и ги подготвувале младите генерации за конфликти. Долго време требало да помине, и да се случи уште една пострашна војна, Втората светска војна (1939-1945), за да се промени пристапот и разбирањето на политиката, односите помеѓу државите и улогата на образованието во општествата.

Повеќе

 

Почеток на Првата Светска војна

 

Војната започнала таму каде што се случил атентатот, на Балканот. Сепак, пред почетокот на војната претходеле сериозни дипломатски обвинувања меѓу Европските сили, а кулминацијата на дипломатските тензии (Јулската криза) се случила дури три недели по атентатот на Франц Фердинанд. Се започнало со обвинувањето на Австро-Унгарија дека Кралството Србија стои позади атентатот. Во овој период, во Виена одредени политички и воени кругови, кои долго време посакувале војна, гледале одличен повод за почеток на војна против Србија, а оние кои пак биле против војната, со атентатот над Франц Фердинанд ги изгубиле аргументите во корист на мирот. Така, било прашање на време кога Австро-Унгарија ќе објавела војна на Србија. Сепак, Виена не била подготвена веднаш да објави војна на ослабнатата од Балканските војни Србија, поради постоењето на различни погледи, кога и на кој начин треба да се „казни“ Србија. На крајот, одговорот на Австро-Унгарија во врска со Сараевскиот атентат, во форма на ултиматум и со рок на одговор од 48 часа бил испратен до Србија на 23 Јули. Овој улитматум српската влада го одбила, по што Австро-Унгарија добила „оправдување“ да објави војна на 28 истиот месец.

Во меѓувреме, Русија отворено ја подржувала Србија, поаѓајќи од мислењето дека во евентуалната војна со Германија, која би се борела на два фронта, таа би излегла како победник. Од друга страна, судирот на Германија со Русија и ослабувањето на германските позиции во Европа биле сметани дека се во интерес на Франција. Поаѓајќи од овие разбирања и пристапи, Русија уште на 24 Јули започнала тајна мобилизација на своите војски, а на 31 Јули во Германија испратила 12 часовен ултиматум до Русија да ја отповика својата мобилизација. Откако не испратила одговор, Германија на 1 август објавила војна на Русија, а Франција во знак на подршка започнала мобилизација, по што на 3 август Германија и објавила војна и на Франција. Велика Британија, која во овој период сè уште се држела на страна, главно поради граѓанската војна во Ирска, не можела да прифати целосна доминација на Германија. Така, по германското навлегување во неутрална Белгија и одбивањето на британскиот ултиматум, Германија да се повлече од Белгија, на 4 август Британија и објавила војна на Германија. Во период од недела дена најголемиот дел од европските држави влегле во војна. Во наредните месеци и години и другите европски држави ќе се приклучат на еден од завојуваните сојузи. Во октомври 1914 година Осмналиската Империја застанала на страната на Централните сили, а во истиот месец во 1915 година тоа го направила и Бугарија. Истата година, Италија решила да се приклучи кон Антантата, а во 1916 тоа го направила Романија, а во 1917 година и Грција и Соединтетите Американски Држави. Војната се водела во Азија и на Пацификот, каде Нов Зеланд и Јапонија ги нападнале и освоиле германските колонии. Исто така и во Африка, каде војната била за освојување на африканските германски колонии.

Повеќе

 

Војната во 1914 и 1915 година

 

Владите на завојуваните земји ги убедувале своите граѓани дека до Божиќ војната ќе заврши, а тие ќе можат да се вратат во своите домови. Меѓутоа, до крајот на 1914 година бројот на жртвите се броел во неколку милиони загинати и ранети на двете страни. Уште на почетокот од војната биле забележани и првите цивилни жртви. Најзначајните борби се воделе на Западниот фронт, каде Франција, Белгија и Велика Британија се обидувале да го запрат германското напредување во Белгија и Франција. Не помалку значен е и Источниот фронт каде Австро-Унгарија и Германија започнале воени операции против Русија. Третиот фронт во 1914 година бил српскиот. Поаѓајќи од убедувањето дека воената интервенција ќе трае кратко, Австро-Унгарија без подршка на Германија ја нападнала Србија. Токму, на овој фронт, Антантата ќе ја забележи својата прва победа против Централните сили. Како резултат на неколку стратешки грешки австро-унгарската армија предводена од генералот Оскар Потиорек најпрвин била победена од српската армија во Битката на Цер (планина Цер во денешна Република Србија) во месец август 1914 година. Поразени, австро-унгарските војски биле принудени да се повлечат на териториите на Босна и Срем (денеска во Србија и Хрватска).

Вториот обид за војничка победа над Србија започнал на 7 септември. По неколку жестоки борби во кои двете страни претрпеле големи човечки загуби линијата на фронтот се стабилизирала и во период од месец и половина преминала во рововска војна. Оваа фаза од војната помеѓу Србија и Австро-Унгарија е познат и како Битката кај Дрина. Откако српската војска била ослабната од рововскиот начин на војување, генералот Потиорек презел нова офанзива, која ја принудила српската армија на повлекување, а овие борби се познати и како Битката кај Колубара. Како резултат на првичните борби, на 2 декември 1914 година во Белград влегле австро-унгарските војски. Меѓутоа, веќе наредниот ден српската војска презела противофанзива, која ги принудила австро-унгарските војски на повторно повлекување во Босна и Срем. До крајот на декември српската војска излегла на границата со Австро-Унгарија. Жртвите од овие борби биле големи и за двете страни, а не бил мал бројот и на српски цивили егзекутирани од страна на австро-унгарските војски. Уште поголем бил бројот на цивилни жртви како последица на гладот и тифусот од зимата 1915 година. Во текот на 1915 година се до месец септември на Балканот завојуваните страни мирувале. Вниманието било повеќе насочено кон другите боишта и на дипломатијата. Австро-Унгарија била повеќе зафатена со фронтот во Русија и Италија, а за следната офанзива и подоброто позиционирање на Балканот двете страни се обидувале да ја придобијат на своја страна Бугарија. Во очекување на новата офанзива, Србија се обидувала да ја реорганизира својата армија. Сепак, вооружени инциденти поврзани со војната се случувале на територијата на Македонија, каде вооружени групи на ВМРО напаѓале на српските војски во пограничните региони долж реката Вардар. Особено е познат нападот кај Валандово, познат и како Валандовска афера или Валандовска акција. Во истиот период, не далеку од Балканот, на Дарданелите, здружени сили на Франција, Велика Британија и Нов Зеланд пролетта 1915 година се обиделе да се истоварат на Дарданелите. Целта била да се освои Истанбул и да се порази Османлиската империја. Последиците биле сериозни по сојузничките сили, кои претрпеле голем пораз и биле принудени да се повлечат на неколку грчки острови во Егејското море, а еден дел во Солун од каде реорганизирани ќе се обидат да и помогнат на српската војска во октомври 1915 година, кога веќе започнала здружената офанзива на Германија, Австро-Унгарија и Бугарија против Србија.

Повеќе

 

Повеќе за интернет платформата

Интернет платформата СЕЌАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ФРОНТ ЗА ВРЕМЕ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА е создадена за да се подигне свеста за овој фронт кој се наоѓа во најголем дел на територијата на сегашна Република Македонија и кој е мошне запоставен во колективната историја и сеќавање. 

Оваа платформа има за цел да го документира Македонскиот фронт и да презентира релевантни информации од разноврсен карактер: од воена историја, социјална историја, етнологија, географија, па сè до сеќавање, мир и помирување. Платформата содржи информативни, научни и педагошки документи за Македонскиот фронт. 

Дел од платформата насловенПосетете го Македонскиот фронт е посветен на меморијалниот туризам и нуди индикации за локалитетите каде се одвивале главните битки и кои сè уште денес сведочат за настаните од Првата светска војна на македонската територија. 

Платформата е создадена од страна на Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА во рамки на децентрализираната соработка помеѓу Регионот Нормандија и Република Македонија, поддржана од страна програмата „Нормандија за мир“ и Министерството за надворешни работи на Франција. 

Галерија

 

Повлекување на српската војска

 

Во есента 1915 година, силите на Тројниот сојуз (Австро-Унгарија, Германија и Бугарија), под водство на германскиот генерал Аугуст фон Макензен, организирале масовен напад, со 300 000 војска и од повеќе правци, врз кралството Србија. И покрај првичниот отпор, било очигледно дека српската војска нема да може да ја спречи инвазијата на земјата и дека ќе мора да се повлече. Наредбата за повлекување од Србија била дадена на 25 ноември 1915 од страна на генералот Радомир Путник. Станувало збор за стратегиска одлука со која требало да се спаси живата воена сила со цел подоцна ефективно да се врати во воените операции. Големата копнена војска, придружена од голем број цивили без организирано снабдување, се упатила кон југ. Повлекувањето го отежнало пробивот на бугарските сили во Македонија и Јужна Србија со што било оневозможено повлекувањето преку Македонија. Ниту обидот на француските и британските војски да се пробијат долж Вардар до Скопје и Косово со цел да помогнат на своите сојузници и да го олеснат повлекувањето не успеал.

Така, единствена опција била да се преминат високите планини во Албанија, во крајно студено време, со цел да се стигне на брегот на Јадранското море. Ова патешествие било навистина макотрпно: непристапни и тешки предели, големи студови, глад, повремени герилски напади, слаба или никаква логистика. Во долгиот марш учествувале сите слоеви на српската војска, и на српското општество, од самиот крал преку генералите и офицерите до обичните војници и граѓани. Во почетокот на декември 1915 година, две големи групации стигнале во рамните делови на Албанија: една во регионот на Скадар, и друга во регионот меѓу Тирана и Елбасан. Кога, наскоро, пристигнале до морскиот брег се разочарале од отсуството на организирана помош од нивните сојузници. Тие, пак, имале големи дипломатски проблеми, особено поради Италија која заради своите територијални аспирации ја кочела поддршката за Србија. Иако францускиот генерал-штаб презел одредени иницијативи за помош, сепак процесот бил бавен. Со оглед на тоа, на 20 декември лично кралот Александар се обратил до генералот Жозеф Жофр, главен командант на целата француска војска, со барање за итна помош без која привремено спасените делови од српската војска би биле заробени или уништени. Конечно, силите на Антантата решиле дека мора да ги спасат своите истоштени сојузници. Одговорен за операцијата бил генералот Жан д Мондезир, кој воспоставил првичен центар за координација во Бриндизи. Биле испратени бродови, пред се француски, до Драч (за болните и повредените) и Влора (за здравите и способни војници). Во втората половина на јануари 1916 година, почнале да стигнуваат стотици бродови со српски војници на островот Крф, кој бил одреден за главен центар за собирање, опоравување и реорганизирање на српската војска. На помалите островчиња пред Крф, сојузниците медицински ги прегледувале новопристигнатите и им пружале основна помош, а потоа ги праќале во главната база. До крајот на фебруари на Крф се истовариле над 133 000 српски војници. Овој успех е истовремено и трагедија, бидејќи се претпоставува дека во текот на оваа тешка епизода српската армија изгубила околу 250 000 војници. Во секој случај, оние кои успеале да се евакуираат, подоцна биле активно вклучени во борбите на Македонскиот фронт.

Повеќе

 

Формирање на Македонскиот фронт

 

Кон крајот на 1915 година, карактерот и улогата на идните операции во јужниот дел на Балканскиот полуостров не биле сè уште јасни и за двата завојувани блока. Кај Централните сили, поточно Германија, по копненото поврзување со Османлиската империја Балканот не бил толку важен, бидејќи во нејзиниот фокус биле Источниот и, пред се, Западниот фронт. Исто така, Германија се обидувала да ја придобие Грција на своја страна, при што во предвид се земала нејзината неутралност. За Австро-Унгарија и Бугарија, пак, напротив Балканот бил многу важен и нејзините генерали се залагале за целосно освојување на полуостровот и истиснување на (сè уште) малата експедициона сила пратена од Антантата. Од друга страна, ваква дихотомија постоела и кај водечките сили во Антантата. Британија сметала дека без вклучувањето на Грција на страна на Антантата Србија би била изгубена, додека Франција сметала дека е потребно значително воено присуство во јужниот дел од Балканот, особено по неуспехот кај Дарданелите, со цел Романија и Грција да не се приклучат кон Централните сили.

Како и да е, во исто време кај Солун почнала да се гради сојузничка воена база, а британски и француски војски, под водство на генерал Морис Сарај, веќе од претходно биле присутни во регионот. Во декември 1915 година, францускиот ГШ го испратил генералот Ноел де Кастелно во мисија на Балканот, со цел да го испита теренот и состојбата во сојузничките единици, односно можноста за развивање на фронт во Македонија. Шест месеци подоцна, генералот Сарај бил назначен за главен командант на сојузничките војски на Ориентот, односно, во случајов, на војските стационирани во Македонија. Оваа сојузничка војска контролирала територија од околу 30 000 квадратни километри. Населението во овој дел од Македонија генерално не било негативно настроено кон сојузничките војски, но земајќи ги во предвид разурнувањата од претходните воени конфликти во регионот, тие чувале извесна резерва кон нив. Од друга страна сојузниците имале големи сомневања во локалното население кое било оценувано како симпатизери на Османлиската империја и Бугарија. Центарот на оваа зона бил Солун, голем космополитски град со долга историја и мешавина од култури и етноси (Евреи, Турци, Грци, Македонци, Бугари, Власи, Роми и други), кој од неодамна (1912) бил вклучен во грчката држава. По извршените дополнителни анализи и планови, сојузничките војски се распоредиле на север од Солун, зафаќајќи една линија во должина од околу 120 км. Во текот на првата половина на 1916 година, одбранбената линија се повеќе се развивала со разни градби и инфраструктура, на кои работеле илјадници сојузнички војници и локални цивили. Биле копани ровови, бунари и канали, биле сушени мочуришта, биле градени и поправани патишта. Истовремено, илјадници француски војници биле пренесувани на бродови, од Марсеј и Тулон (во јужна Франција), или пак од Отранто (во јужна Италија), до солунското пристаниште. Центарот на оваа воена сила бил кампот Зејтинлик, кој се наоѓал 5 км северо-источно од Солун, во близина на реката Вардар.

Повеќе

 

Крајот на Првата светска војна

 

За официјален крај на Првата светска војна се води 11 ноември 1918 година, кога силите на Антантата потпишале примирје со Германија. На овој чин му претходеле низа настани и околности. По успесите на сојузничките сили на фронтовите на запад и на југ во раната есен 1918 година, при што голема улога имал и пробивот на Македонскиот фронт, за Германија и Австро-Унгарија полека станувало јасно дека војната влегува во последната фаза. На 4 ноември 1918, Австро-Унгарија потпишала примирје во близина на Падова (во северо-источна Италија). Иако договорот главно се однесувал на фронтот во Италија, сепак некои негови одредби имале многу пошироки влијанија и биле важни за генералниот крах на силите на Тројниот сојуз. Неколку дена претходно, на 30 октомври, во пристаништето на островот Лемнос, Османлиската империја потпишала примирје со Антантата, со што прекинале воените дејствија на Блискиот исток.

На Дунав, пак, каде што застанале сојузничките војски по успесите на Македонскиот фронт, била подготвена нова голема офанзива (од 9 ноември) против германската војска на Макензен, која била повторно принудена на повлекување преку Унгарија кон Германија. Настрана од ваквиот поширок воен тек на настаните, за разбирање на ситуацијата биле мошне важни и внатрешните состојби во Германија. Кај граѓаните постоеле голем број незадоволни луѓе поради негативните ефекти на долгата војна, се појавиле големи политички превирања и демонстрации, а во морнарицата имало бунт и одбивање на извршување на задачите (Вилхелмсхавен, Киел), што на крајот довело и до т.н. Ноемвриска револуција во Германија. На 9 ноември царот Вилхелм абдицирал. Конечно, на 8 ноември 1918 година, воените водачи на завојуваните страни се сретнале во Компјењската шума (во северо-источна Франција) и по тридневни разговори Германија била принудена да ги прифати условите на сојузниците. Примирјето било потпишано во вагонот на генерал Фердинанд Фош, врховниот командант на Антантата, во 6 часот наутро, а стапило на сила во 11 часот претпладне. Било предвидено, меѓу другото, повлекување на германските трупи назад во Германија, размена на заробеници, уништување на германските воени бродови и подморници, предавање на германските воени орудија и опрема, продолжување на морнаричката блокада на Германија, итн. Иако примирјето од 11 ноември ги прекинало воените операции, сепак преговорите и склучувањето на конечниот мировен договор биле оставени за следната година. Многубројни претставници од завојуваните страни учествувале во работата на огромната Париска мировна конференција во 1919 година. Конечниот мир бил ратификуван на 10 јануари 1920 година. Денеска, 11 ноември се празнува во многу држави како ден на примирјето и крај на Првата светска војна.

Повеќе

 

 

 

Содржина на платформата

Пишаната и визуелната содржина на платформата (современа и историска) достапна за јавноста служи за информативни, научни и образовни цели. Сета објавена содржина е во сопственост на самите автори.

За фотографиите Манаки

Фотографиите се во сопственост на Државен архив на Република Македонија, одделение Битола. Обработени од страна на Македонски центар за фотографија.

Авторските фотографии се во сопственост на Евопската асоцијација за локална демократија – АЛДА. Фотограф: Зоран Шеќеров

 

 

На оваа интернет страница, поради јазично олеснување, „Поранешната Југословенска Република Македонија“ се нарекува само „Република Македонија“ или „Македонија“. Тоа не означува никаков политички став на Република Франција и на регионот Нормандија кон Македонија. Од нејзиното осамостојување во 1991 година, во македонскиот устав е запишано името „Република Македонија“. Сепак, поради признавањето од страна на меѓународните организации и нејзините земји членки, државата се согласи да го користи името „Поранешна Југословенска Република Македонија“, а токму под тоа име, Франција ја призна Македонија како држава.

Terms Of UsePrivacy StatementCopyright 2023 by SoftAGE
Back To Top