Кон крајот на 1915 година, карактерот и улогата на идните операции во јужниот дел на Балканскиот полуостров не биле сè уште јасни и за двата завојувани блока. Кај Централните сили, поточно Германија, по копненото поврзување со Османлиската империја Балканот не бил толку важен, бидејќи во нејзиниот фокус биле Источниот и, пред се, Западниот фронт. Исто така, Германија се обидувала да ја придобие Грција на своја страна, при што во предвид се земала нејзината неутралност. За Австро-Унгарија и Бугарија, пак, напротив Балканот бил многу важен и нејзините генерали се залагале за целосно освојување на полуостровот и истиснување на (сè уште) малата експедициона сила пратена од Антантата. Од друга страна, ваква дихотомија постоела и кај водечките сили во Антантата. Британија сметала дека без вклучувањето на Грција на страна на Антантата Србија би била изгубена, додека Франција сметала дека е потребно значително воено присуство во јужниот дел од Балканот, особено по неуспехот кај Дарданелите, со цел Романија и Грција да не се приклучат кон Централните сили.
Како и да е, во исто време кај Солун почнала да се гради сојузничка воена база, а британски и француски војски, под водство на генерал Морис Сарај, веќе од претходно биле присутни во регионот. Во декември 1915 година, францускиот ГШ го испратил генералот Ноел де Кастелно во мисија на Балканот, со цел да го испита теренот и состојбата во сојузничките единици, односно можноста за развивање на фронт во Македонија. Шест месеци подоцна, генералот Сарај бил назначен за главен командант на сојузничките војски на Ориентот, односно, во случајов, на војските стационирани во Македонија. Оваа сојузничка војска контролирала територија од околу 30 000 квадратни километри. Населението во овој дел од Македонија генерално не било негативно настроено кон сојузничките војски, но земајќи ги во предвид разурнувањата од претходните воени конфликти во регионот, тие чувале извесна резерва кон нив. Од друга страна сојузниците имале големи сомневања во локалното население кое било оценувано како симпатизери на Османлиската империја и Бугарија. Центарот на оваа зона бил Солун, голем космополитски град со долга историја и мешавина од култури и етноси (Евреи, Турци, Грци, Македонци, Бугари, Власи, Роми и други), кој од неодамна (1912) бил вклучен во грчката држава. По извршените дополнителни анализи и планови, сојузничките војски се распоредиле на север од Солун, зафаќајќи една линија во должина од околу 120 км. Во текот на првата половина на 1916 година, одбранбената линија се повеќе се развивала со разни градби и инфраструктура, на кои работеле илјадници сојузнички војници и локални цивили. Биле копани ровови, бунари и канали, биле сушени мочуришта, биле градени и поправани патишта. Истовремено, илјадници француски војници биле пренесувани на бродови, од Марсеј и Тулон (во јужна Франција), или пак од Отранто (во јужна Италија), до солунското пристаниште. Центарот на оваа воена сила бил кампот Зејтинлик, кој се наоѓал 5 км северо-источно од Солун, во близина на реката Вардар.
Повеќе