Кон крајот на летото и есента 1916 година, на Македонскиот фронт, во секторот на планината Ниџе, се водела една мошне значајна битка меѓу Србите и Французите од една, и Бугарите и Германците од друга страна. Всушност, со месеци претходно во сојузничкиот штаб се размислувало за голема летна офанзива на Македонскиот фронт, со цел да се овозможи мобилизација во Романија и нејзино влегување во војната на страната на Антантата. Според податоците на француската армија, Централните сили во секторот броеле 160 батаљони (155 бугарски и 5 германски), додека силите на Антантата броеле над 200 батаљони (72 српски, 60 британски, 52 француски, 12 италијански и 6 руски).
Во центарот на линијата на судирот доминирал врвот Кајмакчалан со 2 521 метар надморска височина. Иако првата сојузничка интервенција била изведена на 20 август 1916 година, со бомбардирање на бугарските позиции и заземање на неколку краци од источниот дел на планината од страна на две српски дивизии, вистинскиот напад започнал многу подоцна од очекуваното. Во почетокот на септември се воделе извесни борби меѓу бугарските и српските единици на планината, но истовремено голем дел од сојузничките единици се уште маневрирал кон своите позиции за напад.
Конечно, на 12 септември, сојузниците преминале во офанзива и успеале без поголеми тешкотии да заземат неколку бугарски позиции. Офанзивата продолжила без престан во наредните неколку денови, при што целта била да не им се остави простор за регрупирање на бугарските единици. На 17 септември, француските единици повторно го зазеле Лерин, кој малку пред тоа бил заземен од бугарски единици. Вечерта на 18 септември, српската војска успеала да го освои врвот Кајмакчаклан, и потоа да ги одбие бугарските контра-напади.
По овие успеси, на 20 септември сојузничката војска стигнала до втората одбранбена линија, до која се повлекле бугарските единици. Генералот Кордоние, кој командувал со офанзивата, одлучил да се одложи главниот напад за неколку дена со цел да се одморат војниците и да се почека снабдувањето од југ. Во меѓувреме е донесена тешката артилерија, и утрото на 24 септември продолжил силниот притисок врз бугарските позиции, но нивниот отпор се чинел нескршлив. Генералот Сарај стациониран во Солун, како главен командант на сојузничките војски на Македонскиот фронт, наредил засилено снабдување и регрупирање со цел нов интензивен напад во западниот дел од фронтовата линија почнувајќи од 3 октомври. Во тешки временски услови, 1-та и 3-та српска армија успеале да ја преминат Црна река, а бугарските војски почнале да се повлекуваат. Во тој момент, генералот Кордоние од својата база во Лерин наредил засилен продор кон север и гонење на противникот. Но, овие наредби тешко се остварувале, затоа што отпорот на бугарските единици, вкопани во релјефот, бил доста силен. Генерално, со 4 000 загинати или ранети и 17 000 евакуирани во болница, напорите од октомври 1916 година не дале значителни резултати за сојузничките војски на Македонскиот фронт. Важен, иако бавен, напредок ќе дојде дури во втората половина на ноември 1916 година.
За жестоките борби на Кајмакчалан денес сведочат малата капела и костурницата на срспките војници загинати во оваа битка. Секоја година на 18 септември делегации од војските учесници во битката оддаваат почит на загинатите војници.