Дел од операциите на сојузничките војски од средината на септември до средината на ноември 1916 година против бугарските одбранбени позиции во Македонија е и освојувањето на Битола. Напредокот на сојузниците бил бавен и мачен. Сепак, по освојувањето на Кајмакчалан, Лерин и преминувањето на Црна река, француските и српските единици конечно се приближиле до Битола.
На 18 ноември попладне, во бугарската команда во Битола стигнала веста за падот на нивната позиција на котата 1212, која доминирала со регионот на Суводол. Било јасно дека контролата над Битола нема да може да се задржи, и била дадена наредба за повлекување. Од другата страна, сојузниците на југ почнале да слушаат експлозии од правец на Битола, а забележале и огнови. Заклучувајќи, со право, дека бугарската војска ги уништува складовите и се подготвува за повлекување, сојузничкиот штаб наредил гонење на противникот. Последните бугарски и германски војници го напуштиле градот во текот на ноќта меѓу 18 и 19 ноември. По неколку часа безвластие, следното утро, околу 8 часот, една француска коњаничка единица влегла во Битола. Била срдечно пречекана со аплаузи од една толпа граѓани, кои не биле наклонети кон бугарската управа или пак кои верувале (залудно) дека дошол крајот на нивните страдања. Вусшност, нивната дотогашна изложеност на инфлација, глад, епидемии и бомбардирања продолжила и понатаму.
Меѓу првите кои влегле тој ден во Битола бил и познатиот француски историчар Жером Каркопино, кој во своите спомени оставил мошне интересни записи за тој настан и за самиот град. Меѓу другото, тој ја дава скицата за урбаниот пејсаж на еден набрзина напуштен град. Истоштените сојузнички војници имале можност да се порадуваат на првиот голем успех и на повторното стапнување во градска средина. Но, таквата атмосфера траела само еден ден. Што се однесува до бугарските единици, иако го напуштиле градот, тие сепак зазеле позиции во неговата околина, особено на Пелистер, од каде можеле да вршат набљудување и артилериски напади. Нивните најистурени позиции биле на само 3-4 километри од градот, а во функција била и авијацијата. Во ноември и декември, српските и француските единици извршиле неколку помали и споредни пешадиски напади на околните ридови, но, без поддршка од тешка артилерија, тие не дале резултати. Останувало Битола допрва да се соочи со хоророт на војната.
Во секој случај, до тој момент, освојувањето на градот имало и своја позитивна страна за сојузниците. Битола, како втор град во Македонија, била логистички поврзана со Солун и со главнината на сојузничките војски. Истовремено, приказната за Битола била користена во западноевропската јавност со цел да се привлече поголемо внимание кон улогата на Македонскиот фронт. Од друга страна, губењето на Битола и јужниот дел на Пелагонија имало негативен ефект врз моралот на бугарската војска. Барем за некое време. До крајот на војната градот бил бомбардиран речиси секој ден.
Голем број на згради, куќи и јавни објекти биле оштетени или целосно уништено, а околу 4 200 цивили ги загубиле своите животи. По војната, Битола, слично како и Вердан, бил прогласен за град страдалник и одликуван со орденот Воен крст на Република Франција.